Градови

* СКОПЈЕ
Скопје, како престолнина на Република Македонија е една од најпосетуваните локаци во државата. Најголеми знаменитости на градот се:
1. Камениот Мост

Камениот мост во Скопје претставува една од најзначајните знаменитости на градот. Сместен е во центарот на градот и ги поврзува плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија.Постојат две претпоставки околу датацијата на мостот. Според првата која е потврдена со археолошките проучувања, тој бил изграден во VI век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 год., во текот на градежните активности кои биле преземени низ сета Империја од страна на императорот Јустинијан I. Според втората претпоставка, која е поддржана со историски извори, мостот бил изграден во времето на султанот Мехмед II Освојувачот , во периодот меѓу 1451 и 1469 год. Мостот денеска се смета за симбол на градот Скопје и е главен елемент на грбот на Скопје, кој пак грб е насликан на знамето на Скопје во жолто-златна боја.




2. Скопско Кале


 Скопската тврдина Кале е сместена на високот рид наречен Градиште, над градот Скопје со поглед на реката Вардар и била од стратешко значење за овој значаен град со векови.Како највисока точка во градот, калето одсекогаш било ценето од локалното население. Населби на тоа место постоеле и пред да се изградат ѕидови. Најраните познати жители на местото живееле во неолитот и раното бронзено доба, 4.000 години п.н.е. Тврдината што ја гледаме денес е изградена најпрвин во Византиско време (6-ти век), со камени ѕидови со должина од 121 метар. Според археолозите, камените блокови од кои е изградена тврдината биле земени од изрушениот град Скупи подолу.



3. Милениумски крст

 Милениумскиот крст се наоѓа на врвот Крстовар на планината Водно, непосредно над градот Скопје. Изграден е во 2002 год. Со 66 м височина, тој е еден од највисоките градби во Македонија и највисок крст во светот. Неговите архитекти се Јован Стефановски-Жан и Оливер Петровски. Изграден е во чест на две илјади години христијанство во Македонија и доаѓањето на новиот милениум.




* ОХРИД



Градот Охрид е вклучен во списокот на светско и културно наследство на УНЕСКО. На неговата југозападна страна се наоѓа Охридското Езеро. Градот е можеби најголемата туристичка дестинација во државата.
 Најголеми знаменитости на градот се:

 1. Црква „Св. Јован Канео“



Црквата Свети Јован Богослов Канео е од најпознатите цркви во Охрид, на карпестиот рид над плажата Канео во стариот дел на градот.

За историјата на црквата не постојат пишани податоци, современи со нејзиното подигање и живописување. Во натписот зачуван на фреско-малтер од црквата Св. Константин и Елена во Охрид се споменува една нива од селото Лескоец како имот на црквата Св. Јован Канео, што се граничи со имотот на црквата Св. Константин и Елена. Со ова се потврдува постоењето на црквата пред 1447 кога е испишан натписот на Св.Константин и Елена - како и релативно раната појава на топономастичкиот назив на местото „Канео“ каде што е подигната црквата. Иако за црквата не постојат никакви сигурни историски податоци нејзиниот живот може да се следи во општи историски рамки на развиток почнувајќи од XIII век па си до почетокот на XIV век.






2. Самуилова тврдина

Самуиловата тврдина се смета за една од најголемите фортификации зачувани во Македонија. Првпат била споменета од страна на историчарот Тит Ливиј во 3 век п.н.е, уште додека била тврдина на градот Лихнид.
Уште во петиот век од нашата ера Охрид се споменува од римските историчари како град со тврдини, кој како и другите римски градови на Балканот се брани од наездите на скитачките племиња, при големото преселување на народите во 4 и 5 век. Закрепениот Охрид во 479 година ја одбил опсадата на готскиот крал Теодорих Велики.
Во подоцнежните векови Византија ги користела овие тврдини и сигурно ги проширила. Словените навлегуваат во Охрид без некои големи уривања. Но, Охрид како престолнина на Самоиловото царство има обновени и доста силни бедеми. Денешната форма на тврдината потекнува од времето на цар Самуил макар што и по него постојат податоци за разурнувања и повторни поправки на тврдината од страна на Османлиите и Византијците.
По претворањето на Самуиловата држава во политичко и црковно седиште, Охрид станал средновековен метрополис. Си до крајот на 14 и почетокот на 15 век, населениот град Охрид живеел во градските ѕидини. Откако Охрид бил заземен од османлиските Турци, со доаѓањето на колонисти од Мала Азија во 15 век, дошло до експанзија на населението низ пониските делови. Последен владетел на Самуиловата тврдина бил Џеладин-бег.


3. Плаошник


Плаошник или Плаош се нарекува месноста на јужната страна од ридот на кој се наоѓа стариод град Охрид, на околу 250м јужно од централниот дел од Самуиловата тврдина.
Плаошник е познат како религиозен локалитет уште од почетоците на христијанството, а веројатно и пред тоа. Пронајдени се неколку големи ранохристијански базилики, како и остатоците од црквата Свети Пантелејмон која ја изградил и во која работел Свети Климент Охридски.
На 11 август 2002 година свечено бил осветен новоизградениот храм Светите Климент и Пантелејмон, кој всушност претставува реплика на Светиклиментовата црква, изградена на истите темели. Црквата била урната во периодот на Отоманското владеење и на нејзината основа била изградена џамија. По реставрацијата во 2002, по 530 години, овде повторно се пренесени моштите на св. Климент Охридски кои во меѓувреме биле сместени во црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид.



4. Куќата на Робевци



Името на познатото македонско семејство со потекло од Охрид Робевци за прв пат се споменува во 1379 година на една надгробна плоча пишувана со црковно словенско писмо во дворното место на Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент). Градењето на првобитната куќа на Робевци било завршено на 15 април 1827 година, а за тоа зборува натписот со грчко писмо на една мермерна плоча која се наоѓа вградена во магазата (магацинот) на дворното место. Ова познато охридско трговско семејство во куќата живеело 35 години, поточно до 1861-1862 година, кога познатиот злосторник од Охрид, Устреф бег ја запалил до темел.
Две години подоцна, во 1863 - 1864 година била изградена денешната куќа и тоа во левата половина живеел Константин Робе, а во десната Атанас Робе. Како главен градител бил ангажиран Тодор Петков (1814 - 1899) од с. Гари, кој потекнувал од познатиот копаничарско - резбарски род Огненовци. Под негово раководство бил изработен и внатрешниот ентериер - таваните, долапите и другите украсни елементи кои биле направени од резба. Во вака изградената куќа семејството Робевци живеело се до 1900 година кога се преселиле во Битола, а во Охрид доаѓале само во летните месеци.
Од 1913 до 1919 година во време на Балканската и Првата светска војна во оваа куќа биле сместени српски војници, а по нивното заминување куќата била значително оштетена, а дел од резбите биле однесени во Ниш, Србија. По Втората светска војна, во 1945 година, куќата е заштитена како културно историски споменик.
Во 1950 година во неа е сместен Народниот музеј, а во 1953 година зградата е национализирана и предадена на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид на трајно користење. Последната реконструкција на оваа велелепна зграда е извршена во 1990. година, а таа е повторно отворена како музеј, и тоа еден дел со презентација на археолошкото богатство, еден дел како спомен кат за семејството Робевци, а најгорниот кат - ширванот добил функција на охридска резиденција.





*БИТОЛА

Битола е град во југозападниот дел на Македонија и е втор по големина град во Република Македонија според бројот на жители, додека по површина е трет. Знаменитости на  овој град се : 

1. Широк Сокак

Широк Сокак (познат и како „битолското корзо“) е најфреквентната улица во Битола. Официјалното име на улицата е „Маршал Тито“, но попозната е како „битолското корзо“. Во почетокот била наменета за автомобили, меѓутоа денес е исклучиво пешачка улица и вистинското срце на градот. На Широк Сокак се наоѓаат најголемите продавници, ресторани, театарот со опера, галерии и многу други кафулиња и клубови. Тука се сретнуваат најстарите архитектонски дела и градби на Балканот, коишто го красат градот уште од турско време. Типично турски куќи, покрај прекрасните вили, не се реткост во овој дел на градот. А на самиот крај на Широк Сокак се наоѓа спортската сала Младост и се влегува во простран цветен парк полн со дрвореди, којшто води до стадионот Тумбе кафе, зоолошката градина и античкото пронаоѓалиште Хераклеја Линкестис.


2. Саат - кула

Саат-кулата е една од најпознатите знаменитости на Битола. Не се знае точно кога е изградена, иако постојат пишани извори од 16 век кои споменуваат саат-кула, но не е утврдено со сигурност дали се работи за истата градба. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата „Св. Димитрија Солунски“, поточно во 1830 година. Според легендата, кулата е изградена кога отоманските власти во градот, односно Турците, поминале по сите околни села и собрале околу 60.000 јајца од коишто направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови стојат и денес неоштетени.
Кулата има основа во облик на квадрат и е висока околу 30 метри. На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради, а на сите страни на терасите се наоѓаат конструкции коишто држат светилки со помош на што целата кула и нејзиниот часовник се видливи и ноќе. Часовникот се наоѓа на најгорното од трите нивоа. Првобитниот часовник е заменет за време на Втората Светска војна со понов и многу попрецизен часовник. Новиот саат го купиле нацистите во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта коишто ги подигнале за жртвите од конфликтот во Битола, заедно со англиските и француските гробишта за време на Првата Светска војна.
Саат-кулата за многумина е и симбол на градот Битола. Кулата се наоѓа во паркот каде што постојано се собираат млади, уживајќи во центарот на градот. Паркот е исто така место кадешто граѓаните за време на Бадниковата вечер го чекаат Божиќ и притоа палат свеќи за здравје, долж тревникот и тротоарот на паркот каде што е кулата.


No comments:

Post a Comment